Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ, изјави дека во текот на денешниот ден се извршени 189 надзори на територијата на државата и утврдено е дека цената на лебот што е опфатен со одлуката на Владата е 33 денари, но онаму каде што го има.

– Граѓаните од страна на Државниот пазарен инспекторат се максимално заштитени, а ова го напоменувам затоа што кај некои трговци е констатирано дека на рафтовите нема леб кој е опфатен со одлуката, бел и полубел, цел и сечен леб на парчиња. Но, причината зошто го нема лебот, прво ние не сме надлежни да утврдиме зошто. Второ, дали е зголемена побарувачката од граѓаните кои што денеска очигледно можеби масовно излегоа за да го купат, можеби од стравување дека и повеќе ќе го нема или дека има недоволна снабденост од производителите, вели Котели за ТОП Тема на телевизија Телма.

Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари и одлуката ќе биде на сила до крајот на мај.