Денеска во Прилеп, со чест и гордост им се придружив на повеќе од 5.000 жени за заедно да го кренеме гласот за рамноправност и да ја посочиме суштината на Меѓународниот ден на жената, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на петтомартовскиот марш, три дена пред 8 март.

– Да видам толку многу силни и посветени жени кои се здружуваат за оваа важна кауза беше навистина инспиративно. Жените се движечка сила и на СДСМ и на државата. Пример за тоа е дека во оваа Влада моментално има 50 – 50 рамноправна застапеност на мажи и жени на министерските позиции каде се поставени кадри од СДСМ. Доказ за тоа е и дека сите закони кои ја унапредуваат родовата еднаквост се донесени од Владата предводена од СДСМ, објави Ковачевски на својот профил на Фејсбук.

Натаму Ковачевски додава:

– Жените ни се потребни во државата, во политиката, во бизнисот, во институциите, во фабриките, во училниците, во медиумите, на нивите, во ординациите, во културата. Додека продолжуваме да градиме еднакво општество за секого, од клучно значење е мажите да бидат сојузници во оваа борба. Вистинска демократија подразбира целосна еднаквост. Ги поддржувам жените во нивните напори да го постигнат нивниот целосен потенцијал. Заедно создаваме општество кадешто секоја жена e рамноправна, ценета и почитувана. Еднакви и моќни не е само слоган, еднакви и моќни жени е перспектива!- додава Ковачевски во објавата.

Малку е чудно, жените со премиерот кои се на власт, да протестираат за рамноправност, кога ете се 50:50 со мажите во власта и кога ги имаат сите лостови да го спроведуваат тоа за што „протестно маршираат“.

(Д. Г.)