На наплатните станици во Македонија лани е остварен промет во износ од 3.274.387.335 денари (53.242.070 евра), информираат за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД). Ланските приходи се за 6,6 милиони евра повеќе во однос на тие во 2021 година кога изнесуваа 46,4 милиони евра.
На новите патарини, пуштени на 18 јули лани, Преод и Кадрифаково на патниот правец Миладиновци – Свети Николе – Штип, наплатата изнесува 85.599.333 денари, односно 72.861.770 денари.
„Најпрофитабилна“ е патарината Романовце, каде според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, остварениот промет изнесува 400.174.788,00 денари. Од наплатата на патарината на Миладиновци се инкасирани 266.361.767 денари, Глумово 258.299.622, Градско 248.125.247 денари, Желино 244.476.653 денари, Гевгелија 236.866.875 денари, Петровец 205.967.358 денари, Тетово 201.158.821 денари, Сопот 195.984.192 денари, Отовица 188.054.352 денари, Демир Капија 172.813.622 денари и Гостивар 164.536.337 денари.
При споредбите на прометот на наплатните станици, треба да се земе предвид и цената на патарините по категории, како и дека Сопот и Отовица се единствени кои имаат наплатни кабини само во еден правец, а дека Преод и Кадрифаково се отворени во јули лани.
Електронската наплата надминува 30 проценти
Прометит остварен од електронската наплата на патарина преку продажба на електронски уреди и нивни надополнувања во АМЦ Центарот, пак, изнесува 333.106.598 денари.
Од почетокот на воведувањето на електронската наплата на патарина, од јули 2019 година па се до 1 март годинава електронската наплата бележи постојан раст како во продажба на електронски уреди, така и во нивно надополнување.
За периодот 2019 до сега, продадени се вкупно 144.591 парчиња М-Смарт картички и 17.412 М-Таг уреди или вкупно 162.003 електронски уреди. За посочениот период, направени се вкупно 851.272 поединечни надополнувања на електронски уреди.
Од ЈПДП велат дека учеството на електронската наплата е со постојан пораст во вкупниот промет остварен од наплата на патарина и веќе надминува 30 проценти од вкупната наплата, во делот на наплатните каде функционира електронската наплата.
Најчест начин на плаќање патарина е се уште во готовина со нешто над 55 проценти од плаќањата, електронската наплата учествува со околу над 30 проценти, а на безготовинско плаќање со користење на платежни картички отпаѓа околу 15 проценти од плаќањето.
Во јули 2019 година на патарините на делот од Коридор 10 што минува низ државава е воведен електронски систем за наплата, а во тек е модернизација со поставување таков систем на наплатните станици Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар на Коридорот 8. Изведувач на работите е „ЈВ Аселсан-Жикол“ конзорциум. Вредноста на договорот изнесува 12.489.356 евра.
Во тек е постапка за техничко и финансиско усогласување за спроведување интероперабилност во електронска наплата на патарини во рамки на Отворен Балкан, откако на самитот во Охрид беше договорено да се воспостави единствен систем за електронска наплата (ENP) во Србија, Северна Македонија и Албанија.
Со тој систем возачите патарината ќе ја плаќаат електронски, со уникатен ТАГ уред. Новиот начин на плаќање патарина треба да го растовари протокот на возила на наплатните рампи.
Според најавите од надлежните институции, до зачленувањето во ЕУ на државава треба да биде воспоставена целосна дигитализација на патарините, односно начинот на којшто ќе се наплаќа таксата за патарина ќе биде дигитализиран.
Лидија Велковска
фото МИА