Слаб одѕив на бугарските парламентарни избори е забележеан кај Бугарите во Македонија, информираат бугарски медиуми, пренесува Дојче Веле.
Според бугарските медиуми, бројот на бугарски државјани кои гласале на избирачки места во Македонија бил 453, на изборите лани во октомври гласале 8 Бугари повеќе, односно вкупно 461.
Вчерашните парламентарни избори во Бугарија беа петти по ред во две години, откако и по последните избори ниту една партија и коалиција не успеа да формира влада, поради што Бугарија функционираше со службена влада.
Бугарите во странство вчера гласаа на 737 избирачки места во 61 држава. Во Македонија се гласаше на седум избирачки места – во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп. Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија најмногу пријавени за гласање во Македонија имало во Кавадарци 42, во Прилеп 41, во Тетово 40, во Струмица 22, во Скопје 15, во Битола 9, и ниту еден во Охрид.
Но, бидејќи можеа да гласаат и оние кои не се пријавиле, а и оние кои имаат и времени патни исправи, според бугарски медиуми бројката на пријавени сепак била надмината, иако „поради заладените односи меѓу Бугарија и С. Македонија, многу Бугари не се осмелиле да отидат до гласачките кутии“.
– Најголемиот број гласачи се во Скопје, каде во бугарската амбасада, правото на глас го реализирале 186 лица, малку повеќе од оние што гласаа на изборите во октомври минатата година, кога во Скопје гласаа 172 лица. Во Охрид гласале 65, а во Битола 55 гласачи, објави 24 часа.
Според весникот, најмалку гласачи 7 го оствариле избирачкото право во Тетово.
И покрај сите притисоци, и изборите се показател за „Бугарите и бугарската свест во Македонија“, како што тврди Софија, поради што Македонија е принудена да го менува Уставот и да ги вметне Бугарите во него за да го продолжи патот кон ЕУ.