За да се спроведе моделот на Уставот на Хрватска, Македонија треба да биде држава со мнозинство од 90 отсто Македонци. Хрватска има 90,4 отсто Хрвати, вели Зеќирја Ибрахими, генерален секретар на партијата Алтернатива и научен советник во Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во Македонија.
– Со 54 проценти Македонци и 30 отсто Албанци најмногу што може да направи С. Македонија е да го спроведе моделот на Белгија, со која имаме демографски сличности. Ако Белгија изгледа како далечна, тогаш може да го земе моделот на Косово, каде што имаме чисто граѓанска држава, објави Ибрахими на својот профил на Фејсбук.
Ибрахими, во претходна објава го изнесува ставот на Алтернатива, доскорашен коалиционен партнер на СДСМ и ДУИ, во кој се бара редефинирање на уставното устројство на Македонија:
– Ако се менува преамбулата на македонскиот Устав, тогаш да се редефинира државното устројство на Македонија и таа да стане двонационална држава, односно како „држава на македонскиот и албанскиот народ и на етничките заедници“. Алтернатива предложува и втор модел за редефинирање на Македонија: како „држава на сите свои граѓани“, со отфрлање на сите етнички белези, бара Алтернатива.