Потпретседателот на албанската опозициска Демократска парија, Еди Палока, пренесувајќи го ставот на здружената опозиција, изјави дека заминувањето на премиерот Еди Рама би бил патриотски чин, бидејќи, според него, сите патишта, вклучувајќи го и насилството, се легитимни.
Палока предупреди на силно соочување со владата.
– Отстранување на Еди Рама на сите начини. Во една земја каде што веќе не постои демократија, каде што бандите презедоа се во свои раце, каде што раководи криминалот, не станува ни збор дека ќе има слободни избори, затоа сите начини се легитимни. Денес заминувањето на Еди Рама е патриотски чин,изјави Палока за тиранската телевизија Ора њуз.
Палока, која е и пратеник во албанскиот парламент, ја коментираше и оставката на министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај, кој на 27 минатиот месец си поднесе неотповиклива оставка, и оцени дека тоа е победа на опозицијата, додавајќи дека единствен услов за враќање на институционалната стабилност во земјата е заминување на премиерот.
– Фактот дека си заминаа двајца министери за внатрешни работи,претставува доволен услов Рама да ја напушти премиерската фотелја,смета Палока.
На прашањето дали опозицијата, како дел од своите активности, размислува за откажување од пратничките мандати, Палока одговори дека и тоа е опција за која може да разговара опозицијата,но оти тоа сепак не е решение.
Претходно лидерот Демократската партија, Љуљзим Баша, изјави дека опозицијата нема да се согласи да оди на избори доколку актуелниот премиер Еди Рама биде на таа функција. Во Албанија во јуни треба да бидат спроведени локални избори.