Италија се соочува со голем недостиг на работна сила и ѝ недостигаат вкупно околу еден милион работници во неколку економски сектори, рече министерката за труд Марија Елвира Калдероне.
Главниот проблем е што сѐ повеќе луѓе го напуштаат пазарот на труд поради возраста, а тешко е да се најдат нови работници кои ќе ги пополнат тие работни места, рече Калдероне.
„Владата работи на тоа компаниите да имаат работна сила обучена за работата што ќе ја работат, а особено за предизвиците на денешницата и утрешниот ден“, нагласи таа. „Ова особено се однесува на еколошката и дигиталната трансформација во светот на работата“, додаде Калдероне, истакнувајќи дека главната цел е да се вработи секој граѓанин на Италија.
Недостигот од работна сила е особено изразен во туризмот, велат од здружението „Асотуризам конфесерценти“. Од угостителството се жалат на слабиот одзив на понудите, но и на недоволната квалификација на кандидатите за работа. Земјоделството во летните месеци и сезоната на жетва има потреба од најмалку сто илјади работници, соопшти земјоделското здружение Колдирети.
Нагласија дека итно им се потребни трактористи, градинари и берачи на овошје и зеленчук. Тие бараат и квалификувани работници во дигиталниот сектор, како земјоделски техничари кои знаат да управуваат со дронови, да читаат метеоролошки податоци и да користат ИТ алатки.