Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата во Аеродром, одговорајќи на новинарско прашање за споредба на проектот за делови од коридорите 8 и 10д со други проекти, истакна дека проектот ќе надмине 2 милијарди евра и станува збор за сериозна пљачка и прашува колку доживотни има, ако за еден долар има неколку доживотни. Според него има огромна разлика по чинење на километар со други проекти, но и огромна разлика само за ископот на земја.
Во договорот кој го потпишала државата со изведувачот за делови од коридорите 8 и 10д, ископ на површински слој е со вклучен транспорт до 15 километри е некаде околу 7,36 односно 7,5 евра за метар кубен. Ист таков договор, домашна компанија месец дена претходно потпишала таков договор со Јавното претпријатие за државни патишта за делницата Граничен премин Блаце – Село Блаце за 2,32 евра метар кубен. За повеќе од три пати поевтина цена. Станува збор за милиони метри кубни и ако разликата е 5 евра за метар кубен и имате 2,3 или 4 милиони метри кубни колва е разликата и каде ќе завршат тие пари. Станува збор за огромна разлика, појасни Мицкоски.
Тој додаде дека исто се случува и за ископ на неповршински слој, туку остатокот од земјата до нивото кое е потребно да биде ископан ровот.
– Ако оваа домашна компанија има потпишано за реконструкција на таков пат цена од околу 4,5 евра за метар кубен, во овој договор за деловите од коридорите 8 и 10д, таа цена е 8,95 евра за метар кубен, повеќе од двојно. Станува збор за милиони кубици. Ова се само две ставки, а во деновите кои следат ќе ги наведеме и другите за граѓаните да видат за што станува збор, рече Мицкоски.
Тој направи споредба и со други автопати кои се граделе.
– Проектот на Актор за Демир Капија -Смоквица просечно се движи од 5 до 6 милиони евра по километар, проектот на Синохидро Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип со сите анекси нема да надмине од 8 до 9 милиони евра по километар, а овој е повеќе од 20 милиони евра по километар. Кој овде лаже и краде, ова е сериозен проект и сериозна пљачка за многу побогати држави од Македонија, колку доживотни има тука ако за еден долар има неколку доживотни? – прашува Мицкоски.
Мицкоски изјави дека кога можеле договорот да го добијат пратениците кои ги поднеле измените за законите, тогаш може да го добијат и пратениците кои имаат безбедносен сертификат и да може да се простудира, или да се излезе во јавност на дуел и да се презентира.
Ние го побаравме договорот, велат ќе држеле предавања во Парламентот и ќе го објаснеле и тоа ќе било доволно. Претходно група пратеници кои по професија се лекари, фискултурни работници, ликовни уметници, психолози, правници, филозофи, на некаков магичен начин го добиле овој ист договор, најверојатно преку свиркач кога бил истиот потпишан, седнале, работеле две недели и им текнало дека овој договор може да се реализира на побрз начин и бидејќи имаат вешти способности во изградба на ваков тип на проекти смисли 9 измени во 9 суштински закони и отишле во влада и таму двоецот Ковачевски и Груби им рекле не во влада туку во парламент да ги предложат. Овие пратеници што имаат безбедносен сертификат можат да добијат две недели да го простудираат договорот, а не некој да им држи лекции. Зошто да криеме, да излеземе јас со договорот добиен од свиркач, Ковачевски со неговиот и да дебатираме, сепак калкулациите викаат за повеќе од 2 милијарди евра. Односно цената без вкалкулирани дополнителни трошоци е помеѓу 2 и 2,3 милијарди евра, рече Мицкоски.