Врховниот суд на денешното продолжение на седницата започната на 26-ти април, одлучуваше за поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилните пресуди по предметот познат во јавноста како „27-ми април“, односно настаните поврзани со насилниот упад во Собранието.

При тоа Советот за казниви дела донел пресуда со која барањата на обвинетите како извршители на кривичните дела поврзани со овој настан се одбиваат како неосновани:

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република … Македонија донесе пресуда Квп.Кок2. Квп бр.14/22 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.40/18 од 15.03.2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.39/19 од 12.02.2021 година, ги одби како неосновани“ – соопшти Врховниот суд.

Првично, на 15-ти март 2019-тата година, Основниот суд ги осуди 16-те лица обвинети како извршители на настаните од 27 април на вкупно 211 години затвор.

На 12-ти февруари 2021-та година, одлучувајќи по жалбите на обвинетите, Апелациониот суд делумно ги потврди првостепените пресуди, намалувајќи го времетраењето на дел од нив.

Пред еден месец, на 3-ти април оваа година, скопска Апелација, повикувајќи се на суштествени повреди на Кривичниот суд, ги укина пресудите против обвинетите како организатори на упадот во Собранието и го врати случајот на почеток.