ВМРО- ДПМНЕ реагира за неажурноста на Јавното обвинителство за случаи каде постојат индиции за криминал извршен од страна на Зоран Заев, каков што е и последниот случај со повикот до бизнисмените да ги потткупат граѓаните пред рефередум.
-Зоран Заев е единствениот премиер во Европа кој е аболициран четири пати за криминал. Еднаш за „Глобал“ во висина од 8 милиони евра, вторпат за случајот „Поткуп“ познат во јавноста како “евро за Вицето, евро за црквата“, трет пат за Пуч и четврти пат за барање упатено до бизнисмените да вршат поткуп на граѓани да излезат на референдум, за што постојат и видео докази. Јавното обвинителство иако најави истрага за предреферендумскиот повик на Заев за поткуп од страна на бизнисмените епилог се уште нема, велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека постои видео инсерт од предреферендумскиот собир на Заев во Крива Паланка, каде што Заев вели дека се видел во Владата со инвеститорот на „Минстрој“, кој му рекол оти испратил порака до работниците, да излезат сите и да гласаат на референдумот. Тоа е добро за Македонија, за Крива Паланка, но и за компанија „Минстрој“ затоа што се отвораат перспективи“. И не само тоа, бизнисменот му ветил дека ќе даде и некоја награда плус на работниците.
– Заев во говорот продолжува и вели: – Јас апелирам до сите бизнисмени ајде, почастете ги малку работниците. Сега ова е важно и за компаниите и за граѓаните и за државата. Ако некој има, газдите имаат, бизнисмените имаат можат малку да отворат ќесето повеќе, цитираат од ВМРО- ДПМНЕ.
Според опозициската партија, ова е директен повик за поткуп при избори и гласање казниво согласно чл.162 од КЗ и е директно загрозување на правото на слободата на гласачите, со што се крши чл.160 од КЗ.
-Од оваа изјава на Заев постојат доволно индиции и укажување на докази кои се доволни против Заев веднаш да биде покрената постапка. Јавното обвинителство наместо да постапи веднаш и без одлагање чекаше да помине референдумскиот процес за да соопшти дека ќе поведе истрага, велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека оваа, како што велат, криминалната и одродена власт има само една цел, а тоа е да ги натрупаат сопствените банкарски сметки преку брутален грабеж на државата и народот.
-Половина од мандатот го потрошија на криминал, милионски тендери во четири очи и распродажба на националните интереси, велат од ВМРО- ДПМНЕ.