Осум полицајци загинаа, 54-ца беа ранети или повредени. Крвавиот биланс на борбата со терористичката група во Диво Насеље се повторува и на оваа 8-годишнина од настанот без да бидат откриени и казнети нарачателите на инцидентите. И министерот Спасовски спомнува нарачатели без објаснување зошто не се казнети, но прави и грешка со кривичното дело и тврди дека кумановската група е судена за „терористичко загрозување“- делото за кое беа гонети учесниците во крвавиот четврток во Собранието, објавува Телма.

Пред 8 години на денешен ден се случи терористичкиот напад во кумановската населба Диво Насеље. Во дводневните престрелки загинаа 8, а беа ранети и повредени 54 полицајци.

Припадниците на специјалната и на посебната единица на МВР Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од с.Брвеница, Ненад Серафимовски од с. Зубовце, Горан Илијевски од Гостивар, Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ од Скопје загинаа во борбите со терористичката група.

Десет припадници на групата загинаа додека 33-ца беа судени за тероризам, а најголем дел од нив добија доживотни,40-годишни и 20-годишни затворски казни.

Никогаш не беа разјаснeти пропустите во акцијата и како беше дозволено терористичката група да се спушти од Косово и Гошинце до Куманово и да утврди борбени  позиции во Диво Насеље.

Три дена по настаните, оставка си поднесоа тогашниот прв човек на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска преку ФБ објава, како жител на Куманово им оддаде почит на загинатите полицајци и посочи дека станува збор „за вознемирувачки и трагичен настан кој засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума.“

И во денешното обраќање Спасовски вели дека „граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните.“

Но министерот за внатрешни работи не посочува кои се нарачатели и зошто не се откриени и казнети иако тој во неколку наврати од 2016-та наваму е на министерската позиција.

Спасовски во својот ФБ статус прави и грешка и вели дека судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“ иако кумановската група беше судена за тероризам и терористичка организација.

За делото кое го спомнува Спасовски, беа обвинети и судени учесниците во крвавиот четврток и упадот во Собранието на 27-ми април 2017-та.