Бугарскиот тајкун Милан Врабевски, кој за македонските Бугари важи за филантроп и мецена, дал десетпати повеќе парични средства од претседателот Стево Пендаровски за патување и примање на наградата на ученичката Валерија Костовска од ликовното студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола во Троа, Франција.
Како што пишува Трибуна.мк, Валерија Костовска ја добила третата награда во нејзината категорија за ученици од 14 до 18 години на натпреварот, што 30 години по ред го организира Светскиот институт за младинска уметност, центар на УНЕСКО, со седиште во Троа. На светски признатиот и највлијателен конкурс за деца, ликовни уметници, годинава учествувале речиси 4.000 творби од 70 земји во светот.
Благодарение на учеството на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола, Македонија годинава добила 13 награди и 20 признанија. Со постигнатиот успех, Костовска и нејзините предавачи ќе бидат дел од специјално поканетите гости на официјалната церемонија за доделување на наградите, што ќе се одржи на 3 јуни во Троа. Престојот во Франција ќе трае од 30 мај до 4 јуни.
-Патувањето, што ќе се одржи меѓу 30 -ти мај и 4-ти јуни, ќе биде финансирано од две лични донации. Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски донирал 600 евра, додека д-р Милен Врабевски прв човек на фондацијата ,,Бугарска памет” донирал 6.000 евра, пишува Трибуна.мк.
Милан Врабевски, прв човек на Фондацијата „Бугарска памет“, беше еден од четворицата сопатници на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, на кои на 6 мај им беше забранет влез во Република Македонија, со образложение на македонското МВР дека бил потенцијален прекршител на јавниот ред и мир.