Во Албанија утре се одржуваат локални избори, трети по ред по новата територијална поделба усвоена во 2014 година, кога од 365 функционираат 61 општина.
По завршувањето на едномесечната изборната кампања на политичките партии, преполна со меѓусебни обвинувања и ветувања за подобра иднина, од синоќа на полноќ, до утре во 7 часот кога треба да бидат отворени избирачките места, во земјата е изборен молк.
На овие локални избори право на глас имаат 3.653.988 албански граѓани, а за првпат гласаат 122.545 гласачи кои правото на глас треба да го остварат на во 61 општина во 5.211 избирачки места. Сепак реалната бројка на гласачи е многу помала, поради масовната миграција.
Во општите Камез, Вора и Елбасан ќе се гласа по електронски пат, а резултатот во овие општини се очекува да биде објавен неколку минути по завршувањето на изборниот процес, додека во речиси сите избирачки места ќе се врши електронска идентификација на гласачите.
Изборите се карактеризираат со рекордна бројка на кандидати, како за градоначалници така и за општински советници. Во 44 општини во трка за градоначалничката фотелја се двајца кандидати, во 14 општини ќе има 3, додека во Саранда ќе има 4 кандидати. Најголем број или шест
кандидати ќе се тркаат за прв човек на општина Тирана, каде актуелниот градоначалник Ерион Велиај, кандидат на владејачката социјалистичка партија, по третпат ја бара довербата на граѓаните на албанската метропола. Најсериозен противник му е Белинд Келичи од опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“, предводена од Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета.
Наспроти 144 кандидати за 61 градоначалник, за 1.063 места во советите на општините во трка се 23.791 кандидати. Од вкупниот број двајца се независни кандидати за градоначалник и десет за општински совети. Во трката за градоначалник само 15 од 144 кандидати се жени.
Според неодамнешна анализа на БИРН, ако се земе предвид дека дел од населението емигрирало и дека во моментов се верува дека само половина од гласачите се во Албанија, тогаш може да се каже дека повеќе од 1 од 100 гласачи е кандидат.
Трката за новата локалната власт ќе се води главно меѓу Социјалистичката партија на Рама и Коалицијата „Победуваме заедно“ во која е и крилото на демократите на Сали Бериша.
Изборната кампања мина без поголеми инциденти, а Централната изборна комисија, ЦИК, предводена од Илиријан Целибаши за непочитување на изборниот законик, парично казни 15 градоначалници заради користење јавни ресурси во изборна кампања, со по 909 евра. Со по 455 евра се казнети пет генерални секретари во министерства и двајца директори, кои на официјалните веб страни на институциите поставувале изборен пропаганден материјал на политичка партија. Казни добија и 7 телевизии за неизбалансирано информирање.
Апсењето во четвртокот нешто по полноќ, на кандидатот за градоначалник на Химара, Фреди Белери, од редовите на опозицијата и припадник на грчката заедница, под обвинение за купување гласови, ја вжешти атмосферата на албанската политичка сцена, но ја налути и Грција, која за случајот освен демарш до албанското МНР, со случајот го запознала и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и шефот на шведската дипломатија, како земја претседавач со ЕУ.
На последните локални избори одржани во јуни 2019 година, кои ги бојкотираше обединетата опозиција, градоначалници на 60 општини станаа кандидатите на Социјалистичката партија а само во општина Финиќ, населена главно со припадници на грчкото малцинство, победи кандидат на Партијата МЕГА.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај синоќа упати видео-пораката до албанските гласачи масовно да излезат и слободно да го дадат својот глас, апелирајќи „на 14 мај да се гласа со потребната одговорност“.
– Посакувајќи ви многу среќа во вашето семејство, заедница и во вашите каузи, ве повикувам да го искористите сето наше право да ја изберете алтернативата за која секој мисли дека ги исполнува неговите лични очекувања, порача Бегај.
Инаку, за безбедноста на локалните избори ангажирани се 5.511 полициски службеници, додека објектите од посебно државно значење ќе ги обезбедуваат припадниците на специјалната армиска единица „командоси“.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДХИР, која брои 324 набљудувачи на овие избори ја предводи амбасадорката Одри Гловер, која е добар познавач на тоа како се спроведуваат изборите во Албанија, бидејќи шефица на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР била на четири изборни циклуси.
Првпат шеф на долгорочната набљудувачка мисија беше во 1996 година, а ОДИХР ѝ го довери раководството на набљудувачката мисија и на изборите во 2009 година, а се врати на истата функција за изборите во 2015, како и 2019 година.
Вера Тодоровска за МИА