Циклонот Моча денеска стигна до бреговите на Бангладеш и Мјанмар, каде што се евакуирани стотици илјади луѓе.
Циклонот е придружен со ветрови кои достигнуваат брзина од 259 километри на час.
Невремето е еквивалентно на ураган од петта категорија, најсилниот на скалата Сафир-Симпсон, соопшти американскиот Центар за предупредување за тајфуни.
Се очекува центарот на циклонот да се движи помеѓу Кокс Базар во Бангладеш и Ситве, град со 150.000 жители во Мјанмар, соопшти Метеоролошката служба на Бангладеш.
Се очекува Моча да предизвика бранови до четири метри. Ќе донесе големи количини на врнежи поради што постои опасност од свлечишта.
Многу повеќе луѓе би можеле да настрадаат доколку бурата се пресели во внатрешноста на Бенгалскиот Залив, предупреди сателитски центар на Обединетите нации.
– Спасувањето животи е наш главен приоритет, изјави Мијанур Рахман, експерт за катастрофи во Бангладеш, кој евакуираше околу 300.000 луѓе пред бурата да удри на копното, што се очекува околу пладне.
Хуманитарните работници се загрижени за ризиците за повеќе од милион бегалци Рохинџи, од кои половина милион се деца, кои живеат во кампови во крајбрежниот град Кокс Базар во близина на патеката на циклонот.
– Ранливите луѓе се во процес на преместување во безбедни засолништа, а исто така подготвуваме и пакети со помош, изјави Фарах Кабир од невладината организација ActionAid Бангладеш.