Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, во Братислава, каде учествуваат на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023.
На средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Премиерот Ковачевски ја потенцираше заложбата на Владата за исполнување на реформите во клучните поглавја од пристапниот процес во ЕУ. Притоа, Ковачевски се заблагодари за поддршката од Европската Комисија и партнерскиот однос во секоја фаза од процесот.
Ковачевски доби уверување од Фон дер Лајен, дека ЕУ останува да биде пријател и партнер на Македонија и дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени, во корист на земјата и регионот.
Во таа насока, беше изразено очекување дека сите политички чинители во земјата ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и ќе делуваат во корист на европската интеграција на Македонија.
Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста и ангажманот на Европската Унија за интеграција на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека со тоа позитивно се влијае врз политички процеси и реформската агенда, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на нашите општества.