Професорот Сашко Јовев ќе продолжи да работи како најдобар кадар во Кардиохирургија, заедно со другиот стручен тим што е таму, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ќе работи и извршува секојдневни работи во клиниката, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Одговарајќи на новинарско прашање за нов директор на Кардиохирургија, на денешната прес-конференција по повод „100 дена кабинет на министер“, министерот Меџити рече дека за тоа допрва ќе се решава.
Почитуваниот професор ја има мојата потполна поддршка како доктор, како професор да ги извршува секојдневните обврски на клиниката. Мислам дека сум многу јасен. И во таа програма за трансплантација и тоа што го кажав вчера ќе го потврдам, ќе се залагам со ребалансот да се зголеми буџетот за програмата за трансплантација, за да ни биде уште поуспешна. Еден поголем поттик да дадеме, и тука ќе бидеме со цел да си ја развиеме државната кардиохирургија и мислам дека со ова, оваа тема е веќе апсолвирана – рече тој.
На прашањето дали професорот Јовев ја прифатил понудата за советник на министерот, тој одговори дека не разговарале за тоа.
Не зборувавме за тоа, си испивме кафе, и како што ви кажав, почитуваниот професор е мој добар другар и колега и ние после ова ќе продолжиме да работиме на клиничкиот центар заедно – рече тој.
Во врска со прашањето за преиспитување на олуката за разрешување на Јовев, бидејќи тоа го бараат сите, односно тој и неговиот адвокатски тим, како и лекарската фела, Меџити одговори дека кога министерот донесува одлука, таа не се преиспитува.
Кога министерот донесува одлука, таа не се преиспитува. и јас за тоа ви одговорив и мислам дека тоа е апсолвирано прашање – рече министерот.
Министерот беше прашан и за тоа како го коментира тоа што неговиот претходник, министерот Беким Сали, го коментираше неговото однесување и го нарече „пишман аџија“ во однос на случувањата и понудата за советник на д-р Јовев, при што тој одговори дека не е љубител на социјални мрежи, ниту ПР.
Јас не сум некој љубител на овие социјални мрежи, па ниту ПР. Кога ми викаа дека за ПР треба да платиме големи суми, јас им викам знаете што – со тие суми подобро да одам 3-4 тоалети по клиники да реновирам. Јас сум човек од акција и не би сакал да коментирам. Од првиот ден вие се сеќавате многу убаво дека кажав јас сум доктор, јас сум човек од акција и сакам тука да ставам еден хируршки рез и нема да се занимавам со минатото. За мене е многу битна сегашноста и иднината на граѓаните и на пациентите на Република Македонија – рече министерот.