Алармантно намалување на бројот на запишани првачиња во Прилеп, објавува ТВ Сител. Од предвидените 802 деца кои требало да се запишат во 10-те основни училишта, во прво одделение се запишале сдамо 480. Во едно пак од училиштата бројката е толку драстична што од предвидените околу 190 ученици, се запишале само 50 првачиња. Иселувањето се гледа како главна причина за оваа катастрофална ситуација.
„А верувам дека оваа бројка и оваа состојба е во сите општини, така што ние како Општина Прилеп сме навистина загрижени, каде заминуваат младите, а сметајте дека на секое едно дете заминуваа и родителите, а можеби и братчиња и сестричиња така што бројката на луѓе кои се иселуваат е и тоа како забележителна“, истакна Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп и службеник за млади во Општина Прилеп.
Загрижени се и директорите на училиштата кои велат дека овој негативен тренд секоја година е се поголем и поголем, без изгледи дека ќе стопира во скора иднина. Се очекува запишување на првачиња и во месец август, но тоа ќе бидат минимални бројки.
„Пред 3 години имавме 90 запишани првачиња, лани 80, а оваа година стасавме до бројка од 50 првачиња. На што се должи тоа? Според мене е за тоа е виновна миграцијата, а знаете дека имаме 2 вида на миграција, времена и трајна. Оваа миграција која сега се случува во Македонија е трајна. Родителите одат и не се враќаат. Тоа е проблемот што не опфаќа сите нас и длабоко не загрижува“, изјави Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“.
Доколку продолжи овој тренд дел од експертите во оваа област велат дека ќе се бара од Министерството за образование и наука намалување на законската рамка од минимум 24 ученици во едно одделение, за да не дојде до испуштање од работа на наставниот кадар.