Словенечкиот премиер Марјан Шарец изјави дека нема намера да одговори на поканата да учествува на конференцијата следниот месец во Маракеш, на која треба да биде потврдена така наречената „Маракешка декларација за миграција“, наведувајќи дека тоа е необврзувачки документ.
– Глобалниот договор за безбедна, регулирана и правна миграција, наречен „Маракешка декларација“, е необврзувачки документ и така треба да се гледа на него, изјави Шарец.
Тој додаде дека околу овој документ „без потреба креваат бука“ и дека нема намера во декември да оди во Маракеш.
Шарец истакна дека Владата го препуштила разгледувањето на декларацијата на Министерството за надворешни работи, кое сега го води поранешниот премиер Миро Церар.
Ниту хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ нема да оди во Маракеш.
На инсистирање на новинарите за промена на ставот околу Маракешкиот договор, таа за одговор ги упати на Министерството за надворешни работи и европски прашања.
– Ресорно министерство е Министерството за надворешни работи и европски прашања, тоа е координатор на преговорите и не ја одработи својата задача. Наместо да ја објавуваат мојата кореспонденција, тие имаа обврска да ги информираат граѓаните за што станува збор, што се потпишува или што не се потпишува во Маракеш, изјави Грабар-Китаровиќ, додавајќи дека Министерството е информирано дека таа нема да оди во Маракеш.
Повлекување од овој Договор најави Австрија, следејќи го примерот на САД и на Унгарија.
Владата во Виена на конзервативната Народна партија на канцеларот Себастијан Курц и екстремно десничарската Партија на слободата на вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе соопшти дека Австрија се повлекува од глобалниот Договор на ОН за миграција, поради суштински несогласувања.
Виена смета дека Договорот на ОН за миграција е несоодветен за регулирање на мигрантските прашања и стравува од губење на суверенитетот во мигрантската политика и „бришење“ на разликите меѓу легалната и илегалната миграција.
Германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ја повика Владата на Германија да го следи примерот на Австрија и да се повлече од глобалниот Договор на ОН за безбедна и легална миграција.
За повлекување размислуваат и Полска и Чешка.