Албанскиот премиер Еди Рама изрази загриженост за состојбата на северот на Косово и предупреди дека “реториката на лидерите на Косово и Србија го води северот кон вооружен судир меѓу српските групи и специјалните сили на косовската полиција”.
Според него доколку се случи вооружен конфликт дури и за три часа, тогаш целиот балкански регион ќе направи многу чекори назад.
– Се наоѓаме во услови кога деградацијата на ситуацијата на северот каде што препукувањата меѓу двајцата лидери, Курти и Вучиќ, од час во час се зголемуваат во сериозен ризик од фатален вооружен судир меѓу групите кои дејствуваат на северот на Косово и безбедносните сили, што би било катастрофа во која меѓу нив би бил вмешан и КФОР, рекол Рама, јави Euronews.Albania.
Оценува дека “судир кој и да трае три часа, а не три дена или три недели, би се покажал фатален за се што е направено овие години, со напори и иницијативи на Западен Балкан под капата на Берлинскиот процес”.
-Драматично враќање на целата иднина на регионот, не може да стане заложник на политичката игра ниту на оние во Косово, ниту на оние во Србија. Нашите земји и нашите народи ширум Балканот имаат сосема поинаков момент и сосема поинаков пат од оној по кој оди ќорсокакот на Северот, рекол Рама, додавајќи дека ќе стори се за да се избегне најлошото.
Тој претходно изјави дека испратил писмо до францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Европскиот совет Шарл Мишел во кое ја нагласил неопходноста од реализација на француско-германскиот план, со поддршка на САД.