Уставните измени се користат како изговор од македонските власти за неспроведување на реформите, рече холандскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп, во емисијата „Дипломатија и бизнис“. Тој рече дека европските земји предолго чекаат на нас.
„Неопходните реформи можеа да бидат направени пред 10-15 години, а не беа направени. Неиздржано е да се зборува за евроскептицизмот од тој асепкт, дури е и навредливо, зашто после 20 до 30 годоини поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме? Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементгирани? Дали е тоа прашање на менталитетот?“, изјави Коп.
Тој потсети на помошта што земјата ја добила од ЕУ и за време на пандемијата, но и за економската криза која настана поради високите цени на енергенсите.
„Можеби се сеќавате, наши даночни обврзници ги платија вакцините за коронавирусот за Западен Балкан. Европската комисија пред неколку месеци даде дополни 200 милиони евра за Владата на … Македонија поради високите цени на енергенсите и инфлацијата иако и нашите даночни обврзници беа соочени со истиот енергетски проблем и високите цени“, изјави Коп.
За критиките дека земјите членки добиваат поголема финансиска помош за закрепнување од економската криза за разлика од земјите кандидатки од Западен Балкан тој вели дека се смешни.
„Слушам кога се вели дека повеќе пари даваме за Бугарија, Романија, Грција, а не за земјите од Западен Балкан… Па да одговорам вака: Дали вие треба џепарлак да давате за своите деца или и за децата на соседите и тоа во ист износ? Смешно е“, изјави амбасадорот Коп.
Според него проблемот во Македонија е што луѓето веќе немаат доверба во институциите, и дека се жалат на судовите, обвинителството, полицијата.
„А што се однесува до проблемот со третите земји, тоа не е изразен толку многу во вашата земја. Вистинскиот проблем е што луѓето немаат доверба во институциите. Таа доверба е десет пати помала во споредба со земјите од ЕУ. Луѓе се жалат на судовите, обвинителството, полицијата… Добиваме писма и мејлови. Па ние не сме слепи“, рече Коп.
За Холандија кога станува збор за евроинтеграциите на Македонија, додаде Коп, секогаш првенствено ќе се мери колку се спроведуваат реформите пред се.
„Целта треба да ви биде влез во ЕУ, а тоа може да се случи за неколку години кога ќе ги исполните условите. И, ако до тогаш не го смените Уставот, тогаш ќе мора секако да го смените за да се внесат сите промени во новата рамка на денот кога вашето знаме ќе биде поставено до нашето во Брисел“, рече амбасадорот Коп.