Министерот за здравство Фатмир Меџити го нарече шоумен пациентот Игор Пехчевски кој стана познат по барањето лек за цистична фиброза.

Меџити не признава дека лекот трикафта не е достапен за сите пациенти. Тој во интервју за Макфакс се пожали дека кога стапил на функција немало ниту протокол, ниту комисија за лекот. Сега вели дека направиле комисија и протокол и добиле позитивно мислење од Фондот за здравствено осигурување, а најави и дека деновиве повторно ќе има средба со членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза.

За министерот Меџити, шоумен е најгласниот пациент кој го бара лекот „трикафта“ за сите.

– Вие знаете дека пред два месеца излегуваше еден пациент и правеше шоу на телевизија. Не може пациент да одлучи дали му треба лек или не му треба лек. За тоа во Македонија има… јас зборувам јавно и транспарентно, вели Меџити во интервјуто за Макфакс.

На забелешка на водителот за тоа како може така да зборува за пациент што бара лек, министерот одговори со прашање: „А како може да се слика на оддел, тоа е забрането да се сликаш по телевизии, по камери“?

Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза стана познат со јавноста откако прво од болнички кревет со транспарент побара лекот да биде достапен за сите на кои им е потребен. Тој константно го повторува истото барање во јавноста, а пред извесен период обвини дека од раководството на Детската клиника добил закани oти ако дава изјави за„трикафта“, за него нема да има место во болницата за лекување. Сега, Пехчевски бара министерот јавно да му се извини.

– Го слушам и гледам министерот за здравство Фатмир Меџити. Јас барам лек од кој животот ми зависи, а тој си дозволи како доктор и министер за здравство да каже за мене дека со барањето на лек правам шоу во јавноста на телевизија. Барам од Вас јавно извинување. И главното: донесете го лекот трикафта (KAFTRIO) сега и веднаш, а не за неколку месеци како што кажувате во вашите изјави“, објави Пехчевски.

Од Асоцијацијата за цистична фиброза, претходно, кажаа дека и натаму чекаат системско решение за овој проблем.