Синдикатите и Владата се поблиску до заеднички прифатливо решение за платите во јавниот сектор. Веќе в понеделник се очекува нова средба, а до тогаш Министерството за финансии ќе анализира, како синдикалните барања би се одразиле врз Буџетот, вели во интервју за ТВ 24 првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

Синдикатите остануваат на барањето, зголемување на платите врз основа на податоците за инфлација според кои минатата година таа беше двоцифрена нешто над 14 отсто. Според пресметките на синдикатите ако функционерите си ги намалат платите и ги доведат на ниво од пред покачувањето за 78 отсто, за секој еден вработен во јавниот сектор би имало по 1500 денари за покачување на платата.

„Сметаме дека оваа година платите на вработените во јавниот сектор треба задолжително да ја покријат инфалацијата. Дел од синдикатите размислуваат тоа да биде во насока 12, 55 проценти колку што се зголеми минамалната плата и на тој начин да се усогласат платите . Или пак процентот за кој е порасната просечната плата 10,9 проценти да биде основниот параметар имајќи во предвид дека од март 2025 година токму просечната плата ќе се множи по коефицинет на сложеност како што тоа е денеска случај за функционерите.“ – вели Трендафилов претседател на ССМ.