„Одговорот е многу едноставен, никој не е излажан. Ова е договор помеѓу СДСМ и ДУИ за да се отвори таму рудник. Ова е договор и со поранешната Влада на Бојко Борисов јавноста може ќе се сети можеби не, но јас лично сум кажувал дека покрај политичките договарања кои ги имаа Заев и Борисов има и економски договарања затоа што нешто должел Заев кон Борисов. Тогаш беше договорено да се продаде една банка бугарски капитал, да се даде оптиката и оптичкиот кабел под контрола на бугарски компании, да се купи една телевизија од бугарска национална телевизија и да се постави еден рудник, а рудникот беше Иловица“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.
Тој додаде дека легитимно прашање се поставува во јавноста, еве теоретски и да биле излажани тогаш зошто министерот за внатрешни работи, министерката за одбрана и министерката за животна средина ако тројцата биле излажани зошто тоа не го кажале во петокот пред да се случи протестот, туку тоа го кажале во саботата откако се случи протестот каде видоа масовен одзив.
„Она што дополнително сега го кажувам е дека е многу сомнителен капиталот позади оваа работа. Едно е да сте принципиелно против, а да има врвен капитал светски, а друго е да сте против меѓудругото заради капиталот што стои позади. Јас прв го презентирав во јавноста промената на сопственоста и на социјалните медиуми и во едно друго интервју“, кажа Николоски.
Тој е дециден дека сегашни носители на концесијата се лица кој немаат никаква врска со луѓе кои првично ја добиле концесијата.
Николоски потенцираше дека од старт е против рудник и тоа јавно го кажувал во 2020-та година во изборите бидејќи сум носител во таа изборна единица, носител сум и сега и ставот не е променет.
Тој додаде дека вистината за Иловица – Штука е тоа дека најсомнителниот капитал на Балканот во моментов е таму.
„Сите оние панични реакции на врхушката од СДСМ е откако видоа дека се крена народна буна во Струмица и Струмичко и дека цел народ излезе на улица. Претходно нити се сетија дека беа излажани, нити министеркава за екологија имаше напишано став, ниту пратенички рекоа дека ќе одат на протест“, вели Николоски.
Тој кажа дека откако виделе каков протест се случи во Струмица, тогаш процвета демократијата во СДСМ и ДУИ, бидејќи пред протестот немаше демократија.
„Јасно е овде работата си има јасен договор СДСМ и ДУИ она што не го очекува дека работите ќе излезе во јавност, дел сум извадил јас, дел активистите, најголем дел тоа го извадија активистите од „Здрава Котлина“ и треба да им се честита. Втората работа е силната реакција на населението во тој крај и сега не знаат што да прават. Јас пишав и на социјалните медиуми дека вакво епско удирање рикверц за одредена работа ќе влезе во аналите на дното на македонската политика“, заклучи Николоски.