Износот на директната штета предизвикана на инфраструктурата на Украина поради инвазијата на Русија се проценува на 150,5 милијарди долари, од кои 55,9 милијарди долари се однесуваат на станбениот фонд, соопшти Киевската школа за економија (КСЕ Институт).
„Од јуни 2023 година, вкупниот износ на директна документирана штета предизвикана на инфраструктурата на Украина како резултат на целосна руска инвазија се проценува на 150,5 милијарди долари“, се наведува во извештајот на КСЕ.
Според пресметките на истражувачите, станбениот фонд има најголемо учество во вкупниот износ на загубите, 55,9 милијарди долари, имајќи ги предвид загубите од околу една милијарда долари од поплавите и уништувањето на станбени згради поради експлозијата на браната на ХЕ Каховка.
Според прелиминарните извештаи на регионалните воени администрации, во јуни 2023 година, вкупниот број на станбени згради уништени или оштетени поради воени дејствија е околу 167.200, од кои 147.800 се приватни домаќинства, 19.100 станбени блокови и 350 студентски домови.
Инфраструктурниот сектор (транспорт, железничка инфраструктура, управување со патишта, воздухопловна индустрија и пристаниште) е на второ место според направените загуби (36,6 милијарди долари). Загубите на деловен имот беа проценети на 11,4 милијарди долари.
Се нагласува дека од почетокот на војната се оштетени или уништени најмалку 426 големи и средни приватни компании и државни фирми, но дека бројот на уништени компании може да биде значително поголем, бидејќи во моментов нема податоци за објекти лоцирани на привремено окупирани територии.
Вкупно, оштетени се речиси 3.400 образовни институции, причинувајќи штета од 9,7 милијарди долари.
Инфраструктурата на украинската енергетска индустрија претрпе загуби од 8,8 милијарди долари, од кои 638 милиони долари се директни загуби од експлозијата на ХЕ Каховка.
Уште 8,7 милијарди долари се директни загуби за земјоделскиот сектор. Вкупниот износ на штетите на институциите за социјална заштита, истражување и здравствена заштита, како и културни, спортски и административни објекти изнесува околу 5,9 милијарди долари. Како што претходно беше соопштено, Министерството за економија ја процени директната штета на Украина од експлозијата на ХЕ Каховка на речиси две милијарди долари.