Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, го посети манастирот „Свети Пантелејмон“ на Водно.
За реновирање на ѕидините на манастирот и амбиентот околу него, како што потенцираше, биле вложени европски средства преку прекуграничната програма со Косово.
Маричиќ во изјавата дадена при посетата на манастирот истакна дека македонското културно наследство, македонскиот идентитет, македонскиот јазик се дел од европското наследство и дека ЕУ тоа го признава, верификува и вложува во нивна заштита.
-Тоа нè прави дел од европското културно и духовно наследство, но тоа покажува дека Европската Унија се грижи зачувување и развој на културното и духовното наследство не само на своите народи, туку и на државите кандидатки, рече вицепремиетот.
Тој и порача на јавноста да биде горда на нашето културно и духовно наследство, да работи на негово зачувување и да направи напори за што побрз влез во Европската унија бидејќи, како што рече, таа е подготвена уште повеќе да вложи во заштита и развој на македонското културно и духовно наследство.