Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски, денеска уште еднаш порача дека партијата нема да прифати ниту сега, ниту во иднина уставни измени под бугарски диктат.
-Ако ова се условите коишто ќе останат и идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во процес на уставни измени под овие услови, додека условите не се променат. А кои услови да се променат. Договорот тие го потпишаа со политичари кои не можат да испорачаат, немаат кредибилитет и длабоко се навлезени во криминал. Ние свесни за тоа, како државотворна партија, во многу наврати нудевме решенија. Го промовираа хрватскиот модел им го прифативме, па го одбија, им понудивме предвремени избори, гаранции… се одбија. Под овие услови ВМРО-ДПМНЕ, македонскиот народ и огромното мнозинство граѓани нема да прифатат. Додека не видиме добра волја од бугарска страна дека навистина сакаат да бидат добри соседи, бидејќи ги следам изјавите на нивниот претседател Радев кој вели дека сега дека тоа не биле бугарски барања туку европски, рече Мицкоски.
Нагласи дека европско барање е да се почитуваат европските одлуки на Судот за човекови права во Стразбур.
-И ако се се сведува на Копенхашките критериуми тогаш тие треба да покажат европски вредности и да ги почитуваат Копенхашките критериуми и за македонското малцинство и македонската заедница во Бугарија, да покажат добра волја дека тие навистина сакаат да бидат добри соседи, тогаш можеме да разговараме. Во спротивно, и во иднина ако ова остане вака како што е, за тие за жал 762 македонски граѓани кои себеси се сметаат дека го говорат мајчиниот бугарски јазик, според податоците од последниот попис, ќе нема место во Преамбулата, истакна тој.
На новинарско прашање зошто вчера немал средба со германскиот пратеник Михаел Рот, кој беше во посета на земјава, вели дека тој бил тука на покана на невладина организација.
-Каде пишува дека мора да има средба. Мојата информација е дека Михаел Рот беше дојден тука на покана на невладина организација која што одржуваше некаква конференција, и претпоставувам дека провладините медиуми ја искористија неговата посета да добијат изјава на една тема а тоа е уставните измени, бидејќи за било што друго да прашате е црно поцрно. И сега тие го кажуваат за поддршка на политиките на Владата, а се друго е катастрофа. Секој гостин којшто е добронамерен и кој побарал средба кај мене во зависност од мојот распоред ја добил или сме ја презакажале таа средба. Овој господин не побарал средба очигледно не чувствува потреба да се види, а и впрочем никаде не пишува дека треба да се гледаме со сите коишто доаѓаат во Македонија, оцени тој.
Во врска со средбата со специјалниот германски претставник за Западен Балкан Мануел Сарацин, рече дека тој уште еднаш ги слушнал позициите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени.
-Од другата страна не добив никаков аргумент којшто би влијаел за да се променат нашите позиции поврзани со уставните измени. Ако мислите дека тие средби се едноставни. Ние таму зборуваме за теми коишто нудат развој на Македонија, тоа се жестоки средби на коишто се аргументираат позициите, на коишто се разгледуваат геостратешки проблеми. Добро е што Македонија е во фокусот на светската геостратегија. Затоа што владата на ДУИ поддржана од СДСМ ја распродаде Македонија само заради своите кожни политички фотелји, ништо повеќе, оцени Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Ѓорче Петров.
Мицкоски исто така ја коментираше информацијата дека вчера на владина седница поминала одлука за ново задолжување од 300 милиони евра и според него, ова покажува дека Буџетот е во лоша состојба, и не е ликвиден како што власта убедува. Според него, овие пари се за повеќе тендери во четири очи.
Рече и дека за него бил шокантен податокот кога прочитал дека фирмата „Еуровиа“ е главен подизведувач на Коридорот 8 на компанијата „Бехтел и Енка“.
-Компанијата „Еуровиа“, како што беше во јавноста кажано, има основано сомневање дека на сомнителен начин добила и тендер од Министерството за надворешни работи за преуредување на спортскиот центар Борис Трајковски, а за потребите на настан кој што го организира министерот за надворешни работи на крајот од годината. И истата таа фирма или фирма поврзана со оваа фирма се јавува како еден донаторите на партијата ДУИ, рече Мицкоски запрашан за коментар за тоа дека фирмата донатор на ДУИ, која доби тендер од МНР, сега е избрана и за главен подизведувач конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорот 8.