Против возач од Травник полицијата деновиве поднела пријава за возење под дејство на алкохол и му ја одзела возачката дозвола оти со толку алкохол во крвта тој требало да биде во кома наместо зад воланот.
Кога полицијата во Босна и Херцеговина, деновиве, го сопрела травничанецот, тој бил толку пијан што едвај излегол од автомобилот. Уредот за мерење на алкохол покажал 5,5 промили, па така тој станал неславен рекордер во БиХ.
Полицајците, кои пијаниот шофер го сопреле во Доње Путичево кај Травник, го одвезле во притвор. Според сите медицински истражувања возачот бил во кома, без оглед на индивидуалната отпорност на организмот. Тој преноќил во притвор за да се отрезни, а потоа му била одземена возачката дозвола и добил пријава за возење под дејство на алкохол.
Деновиве и во Хрватска биле стопирани повеќе пијани возачи. Меѓу неславните рекордери е 57-годишен загребчанец кој во дрегерот „надувал“ 2,72 промила, а од понежниот пол 35-годишна Хрватка која била сопрена во 3 часот по полноќ и возела со 1,71 промил. Со многу повеќе алкохол во крвта, 3,6 промили возела Американка, која викендов била сопрена од задарската полиција.
Сепак, рекордот со промили во Хрватска веќе 15 години го држи Мате Рогуљ од Подац. Нему во септември 2003 година му биле измерени 7,44 промили, а тогаш имал испиено осум шишиња виски.