Имаме гаранција од страна на Владата на Албанија, која е членка на НАТО дека пописот во таа земја ќе биде спроведен согласно сите светски стандарди, стандарите Евростат, а ние ќе продолжиме да им помагаме на нашите Македонци во Албанија, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со посетата на потпретседателката на Бугарија Илиана Јотова на Албанија, во рамките на која, како што е најавено меѓудругото ќе го посети Голо Брдо и ќе ја отвори учебната година во училиште во Елбасан.
Јотова ќе престојува во посета на Албанија од денеска до 16 септември на покана на здружението „Бугарите во Албанија“, јави БТА, а нејзината посета е во пресрет на пописот на населението во Албанија, што, како што соопшти нејзината прес-служба е важен момент за бугарското национално малцинство во Албанија откако беше признаено во 2017 година.
Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод градежните активности од изградбата на автопатот на Коридор 10-д, делница Прилеп – Битола, рече дека како држава имаме одлични односи со Албанија и оти на многу начини му се помага на македонското население таму.
-Јас пред еден месец заедно со моите колеги на нашите Македонци им дониравме опрема за расчистување на патишта , се работи за механизација, која таму ја однесовме. Министерот Бујар Османи исто така беше дел од еден поголем проект за донирање на училишен прибор за нашите Македонци, кои живеат во Албанија, ние со тоа ќе продолжиме, рече Ковачевски.
Тој напомена дека како Влада му помагаат на македонското население во Албанија и никогаш од нив не барале да направат нешто за кој било политички естаблишмент.
-Како Влада ние ги помагаме и никогаш од тие Македонци не сме барале да направат нешто за кој било политички естаблишмент во државата, како на времето што правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, токму со тие наши Македонци од Албанија, кога ги носеа по Скопје да гласаат во некои инежнеринг, за да можат да ја сменат волјата на граѓаните во општина Центар за избор за граодначалник, кога од три гласања и прегласувња беше избран Жерновски, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека пристапот на оваа Влада е поинаков и оти тие ги ценат и помагаат сите Македонци насекаде низ светот.
-Ние ги сакаме и ги цениме нашите Македонци во Албанија, ги сакаме нашите Македонци и во Грција и во Бугарија и во Србија и во цел свет и на сите поднекакво им помагаме во однос на негување на македонскиот јазик, на македонската литература, правото на образование на свој јазик. Изминатите неколку месеци се отворени неколку катедри во соседни држави на македонски јазик во нивните најдобри универзитети. Подготвено е и отворање на КИЦ во Србија, а исто така привршуваат и работите на транспортот на одамна украдените икони од македонски црки, кои благодатение на албанската Влада и благодарение на премиерот Еди Рама, се успеа да се заврши процесот на нивно собирање и ќе видите кратко време како ќе ги вратиме нашите икони. Нашите Македонци во Албанија се исто толку Макеоднци колку што сме и ние по род, рече Ковачевски.
Бугарската потпретседателка, како што е најавено ќе го посети селото Големо Острени, каде што, како што се наведува, ќе се сретне со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо.
Месноста Голо Брдо и селото Големо Острени се наоѓаат на крајниот источен дел од Албанија. Населени се претежно од македонско население.
Потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски денеска излезе со објава на Фејсбук дека Бугарија бара непостоечки Бугари во Албанија.
-Кога Македонија не работи, ќе работи асимилаторската политика на Бугарија! Наместо да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур со кои се бара признавање на Македонците во Бугарија и нивното право на здружување и мајчин македонски јазик, Бугарија бара непостоечки Бугари во Албанија, купувајќи ги душите на луѓето кои се напатени и измачени и живеат во тешка сиромаштија во Албанија, нудејќи им бугарски пасоши со кои можат да одат во побогатите земји на ЕУ по парче леб. Таа е вистината! Бугари во Албанија нема, има Македонци кои матичната држава Македонија не ги штити и ги остава сами на себе. За брзо време ненародната власт на СДСМ и ДУИ во Македонија ќе падне и Македонците и во Албанија и во цел свет ќе бидат со гордо крената глава!, објави Николовски.
Бугарската потпретседателка Јотова во рамки на посетата на Албанија ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на Собранието, Линдита Никола и со министерот за внатрешни работи Таулант Бала. Како што јавуваат бугарските медиуми бугарската потпретседателка ќе има разговори и со ректорот на Универзитетот во Тирана, проф. Артан Хоџа, на кој се изучува бугарскиот јазик. Во делегацијата предводена од Јотова се и професори од бугарските универзитети и од Бугарската академија на науките, пренесува „24 часа“.