Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин најави посета на Италија во наредните денови откако илјадници мигранти пристигнаа на островот Лампедуза оваа недела.
Тоа синоќа го соопшти француското претседателство по телефонскиот разговор меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Во разговорот, тие се договориле за „зајакнување на соработката на европско ниво со цел да се изнајдат ефективни, итни и долгорочни решенија за оваа криза“, се наведува во соопштението.
Макрон и Мелони разговараа и за „заедничка акција“ што Париз и Рим би можеле да ја спроведат во Медитеранот, додаде француското претседателство, без да наведе детали.
Претходно беше објавено дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заедно со Мелони, викендов ќе го посетат јужниот италијански остров Лампедуза.