Пратениците го добија текстот на Законот за амнестија, но нема најави кога истиот ќе биде ставен на комисиска расправа. Илјадници амандмани на опозицијата ќе спречат тој да биде изгласан, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека е целта на законот е да се задоволат барањата на владината коалиција.
Албанската опозиција иако вели дека треба да има растеретување во затворите, особено за оние кои се осудени за полесни дела, ставот за Законот за амнестија допрва ќе го граделе во партиите.
Од Алијанса за Албанците кои преку министерот Лога стојат позади овој закон, немале ништо против тоа што нивниот коалиционен партнер СДСМ најавува амандман за да се спречи излегување на осудените за случајот Монструм.
Законот кој до Собрание беше испратен да се разгледува по скратена постапка ќе значи дека веднаш ќе се премине на амандманска расправа.
А паралелно со Законот за амнестија, од Министерството за правда до Влада го доставиле и Закон за помилување кој од минатата година е во фаза на изработка.
Според предложеното законско решение, претседателот на државата ќе може да помилува само лица кои се правосилно осудени и на кои веќе им е одредена казна, но не и оние кои се предмет на кривично гонење.
Од Правда соопштија дека на измените на овој закон се работело подолг период, а оти биле разгледани повеќе компаративни искуства а најголем дел од решенијата, според министерството, се содржани во легислативата на земјите членки во ЕУ и кај оние држави кои имаат слични правни системи со нашиот.