Најмалку 300 лица загинаа, а над 1.590 се ранети во вчерашниот голем утрински напад на милитантите од Хамас од Појасот Газа врз израелска територија, наведуваат израелски медицински извори, пренесе ДПА.

Во појасот Газа, од друга страна, во вчерашните израелски одмазднички напади загинаа најмалку 232 лица, а се ранети речиси 1.700 Палестинци, наведе палестинското Министерство за здравство.

Палестинската милитантна организација Хамас, пренесува ДПА, вчераутро истрела повеќе од 3.000 ракети кон Израел, повикувајќи се на израелската армија, која додаде дека вооружените Палестинци упаднале во Израел по копно, море и воздух.

И синоќа имаше силни ракетни напади во неколку израелски градови, вклучително и во Тел Авив.

ДПА пренесува дека некои од палестинските милитанти се забарикадирале во куќи со израелски заложници, а, според воените извештаи, неколку Израелци биле однесени во Појасот Газа.