САД веќе почнаа да испорачуваат критично потребна муниција и воена опрема во Израел, соопшти синоќа Белата куќа, додавајќи дека Пентагон ги прегледува своите резерви за да види што друго може брзо да испрати за да го зајакне својот сојузник во војната со Хамас.

Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби синоќа потврди дека првата пратка воена помош по нападот на милитантите на Хамас „тргнала“ за Израел. Пратката следуваше додека американскиот претседател Џо Бајден се подготвуваше да ги даде своите први официјални изјави за нападите, откако потврди дека најмалку 11 Американци биле убиени во насилството во текот на викендот.

– Целосно очекуваме дека ќе има дополнителни барања за безбедносна помош за Израел бидејќи тие продолжуваат да трошат муниција во оваа борба. Ќе бидеме во чекор со нив, внимавајќи да ги исполниме нивните потреби најдобро што можеме и што е можно побрзо, рече Кирби.