Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние ги инцираме, а зошто тој не, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

–  Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија, изјави Мицкоски од денешната посета во Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање во однос на работни групи за изборите.

Мицкоски истакна дека дали Талат Џафери е тој кој ќе испрати официјална покана, дали Груби, дали Али Ахмети или ќе му ја дадат таа чест на Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, но мора да се договори термин бидејќи треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои треба да се имплементираат во изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР се знаете 6 месеци пред избори не треба да се отвора изборен законик, а ние сме помалку од 6 месеци, и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека кога тогаш Ковачевски мора да излезе, мора за неколку месеци од денеска да имаме избори.

– Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори, да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47/8 години. Но мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажам, ете му бел лист хартија нека седне нека напише датум. Еве нека напише датум и блиску до тие два големи празници зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството, денеска има ручек со Ахмети и Груби нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло нека го бара, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека не треба изборите да бидат одвоени и да се трошат десетици милиони евра од граѓаните кои ги немаме.