Најмладиот милионер во земјава има 9 години со еден милион денари од закупнина, додека највозрасниот има 97 години и лани остварил доход од 1,2 милиони денари, по однос на пензија и доход од извршена работа, информира денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска на прес-конференцијата на тема: „Годишна даночна пријава – Највисок доход во 2022 година“.
Околу најмладото лице милионер во земјава, Лукаревска вели дека се работи по основ на некакво наследство и оттаму ги влече тие приходи.
Лукаревската исто така обелодени дека најголемата месечна бруто плата во 2022 година била во дејноста трговија на големо со тутун и изнесувала 195.000 евра или околу 16.250 евра месечна бруто плата.
Директорката на УЈП говореше и за полициската акција „Синџир“, при што повеќе бизнисмени се приведени.
-За вакво кривично дело алармиравме заедно со МВР пред околу 2-3 месеци за одредена група даночни обврзници. Имаме соодветни дејствија преземено. За вчерашната акција за злосторничкото здружување на новоформирани компании кои сметководствено евидентирале фиктивен поврат, па со соодветни компензации го изиграле системот, станува збор за други даночни обврзници. Доставени се документи кои беа побарани од Управата за финансиска полиција. Ист е основот на некој начин. Во координација сме со институциите, рече Лукаревска.
Жител на Скопје минатата година остварил и пријавил 446 милиони денари годишен бруто доход. Највисока годишна бруто плата во 2022 година исплатена е на граѓанин од Скопје во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари, покажуваат податоците што ги објави денеска на прес-конференција Управата за јавни приходи.
Како што информира директорката на УЈП Сања Лукаревска, највисокото лично примање по основ на извршена работа го пријавил граѓанин од Скопје и изнесува 280,6 милиони денари на годишно ниво, а доходот е остварен во странство. На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 61,9 милиони денари.
Во 10- топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на анбалажи од хартија. Највисокиот доход од продажба на земјоделски производи е во износ од 18,9 милиони денари, а ја остварил жител на Скопје.
Највисоката капитална добивка минатата година изнесува 173,4 милиони денари, а е остварена и пријавена од граѓанин на Скопје кој продал удел во трговско друштво чија дејност е производство на филмови, видео филмови и телевизиска програма.
Највисоката исплатена дивиденда е во износ од 229,6 милиони денари на граѓанин на Скопје, кој се јавува како сопственик на удел во компанија чија дејност е болници.
Најмладиот милионер кој остварил најголема добивка во денари има само девет години.
Фото: МИА