Пензионери од цела држава денеска одржаа протест во Скопје, кој започна пред Американската амбасада и заврши пред Владата, барајќи повторно линеарно зголемување на изност на пензите и други мерки за подобрување на нивниот стандард. Тие велат дека после три месеци протестирање по сите градови во државата, како и во Скопје, не добиле никакви резултати и известувања од Владата.
Ние пензионерите не сме социјалци, Играта со зборови да ја надминете, погледнете во реалната слика на живот, НЕ за 5,3 проценти, само линеарно зголемување на сите пензии, беа дел од пораките на транспарентите на протестот.
Претседателот на Иницијативниот одбор на пензионерите, Драган Угриновски, во изјава за МИА истакна дека нивни четири основни барања се 5000 денари линеарно покачување на пензиите, минималната пензија да изнесува 18 000 денари, да се промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и жените постари од 62 години и мажите постари од 64 да имаат бесплатно лекување, односно да не плаќаат партиципација.
– Нашите барања во однос на претходниот протест не се променети. Иако тогаш министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, кажа дека за седум дена ќе ни одговори што се договориле, после 27 дена уште немаме никаков одговор, нагласи Угриновски.
Тој истакна дека одржале состанок со претставници на Европска унија на кој и нив ги запознале со проблемите и барањата на пензионерите.
Пред неколку дена е доставено писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски за прием, но не добивме никаков одговор. Сега се обидовме преку полицијата повторно да побараме средба, пренесено е нашето барање, имаат владина седница моментално и чекаме да ни одговорат, рече Угриновски.
Како што потенцираше, на петти октомври доставиле и барање за средба до претседателот на државата, Стево Пендаровски, со цел и него да го запознаат со нивните проблеми и барања, но и од него не добиле одговор.
– Претседателот три месеци зборот пензионер го нема спомнато, нагласи Угриновски.
Доколку не се најде решение, пензионерите најавија протести со глад пред Влада.
-Доколку не наидеме на разбирање од власта и министерствата ќе се состане координативното тело со претставници од сите градови и ќе се договориме што понатаму, истакна претседателот на Иницијативниот одбор на пензионери.
Пензионери од повеќе градови од државата на 20 септември – Меѓународниот ден на пензионерите – одржаа протест пред Влада на кој истакнаа дека министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, им најавила дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, со фокус на пензионерите со ниски месечни примања, а за што изминатиот период заседаваше работната група формирана по првиот протест на пензионери во Скопје.
Фото: МИА