Единствениот пат до ЕУ е патот на реформите. Тоа значи сеопфатни реформи како што е наведено во извештајот на ЕК и во извештајот за скрининг процесот. Затоа што ако сакате да ги уживате поволностите на членството во ЕУ, мора да бидете доволно отпорни и подготвени, да се осигурите дека можете да уживате во нив. А ние како ЕУ мора да бидеме сигурни дека доаѓате како партнер, којшто е цврст и отпорен. Затоа инвестираме многу во реформите и продолжуваме да го правиме тоа. Реформите се од апсолутно суштинско значење.
Ова го истакна на новинарско прашање шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир, на денешната заедничка прес-конференција во Владата со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ по повод објавувањето на Извештајот на Европската комисија.
-Што се однесува до самиот пристапен процес, во врска со уставните измени, јасно е, договорот е дека веќе ги отворивме пристапните преговори, скринингот тече добро, барањето за патокази е доставено. Следниот чекор е идентификување и движење кон преговорите кон првиот кластер, а тоа зависи од промената на Уставот. Ова се два важни елементи на долг рок, а реформите секако се апсолутно клучни и во интерес на граѓаните, порача Гир.
За вицепремиерот Маричиќ, прашањето дали ќе ги почнеме или не преговорите со ЕУ е лажна дилема, бидејќи земјата ги почна преговорите. Прашањето е, вели, дали ќе продолжиме понатаму, а продолжувањето не е врзано за овој извештај, туку за уставните измени.
-Ние недостатоците од овој извештај треба да ги ставиме и ги ставаме во нашите како листа на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од тоа дали ќе ги направиме уставните измени, рече Маричиќ на новинарско прашање дали по оценките во Ивзештајот на ЕК земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ.
По отворањето на преговорите лани на 19 јули, од страна на чешкото претседателство со организирање на меѓувладината конференција што се одржа во Брисел, преговорите траат веќе повеќе од една година и веќе на 7 декември, додаде тој, се очекува да го завршиме скринингот како прва фаза на преговорите. Врз основа на тој скрининг имаме добиено до сега Извештај за првиот кластер, темелни вредности, а ги очекуваме, посочи, и извештаите за сите кластери. Преку тој скрининг процес сите овие слабости што се наведени во Извештајот веќе се дискутирани со ЕК, вели Маричиќ, и тие се веќе ставени во патоказите во коишто, треба да ги отклониме сите наши слабости во наредниот период на преговорите.
-Еве денес ќе го добиеме официјално писмото каде што не покануваат да ги доставиме патоказите. Инаку патоказите се услов за отворање на првиот кластер. Ние ќе ги доставиме и понатаму ќе одиме во наредна фаза на отворање на кластерот или не во зависност од тоа дали ги имаме уставните измени. Така што во текот на преговорите сите овие теми ние никогаш не сме бегале од овие проблеми. Напротив и пред извештајот и сега и по извештајот на овие теми мора да работиме. Затоа ја повикавме за Судски совет и ЕУ да достави информации. Затоа и се бориме до ден денес да се допушти да има похрабри чекори во однос на судството. Јас сум бил многу пати во Брисел со барање да воспоставиме механизам за ветинг којшто 2017 го предлагавме. За жал не добивме поддршка за тоа од ЕУ. Но одговорност и во борбата против корупцијата, и во кредибилитетот и интегритетот на судството имаат подеднакво и оние институции коишто ја сочинуваат третата судска власт како што се Судскиот совет, Врховниот, сите надлежни судови, Антикорупциската комисија, еве сега ќе имаме процес на избор на нова антикорупциска комисија којшто ќе биде ногу важен како ќе изгледа во наредните пет годни, таа институција и како ќе функционира. Ние ќе бидеме подготвени исто како и до сега и уште повеќе бидејќи сме свесни за проблемите да ги надминеме со одлучна и заедна акција, заедничка акција на сите политички фактори, вели Маричиќ.
Прашан во однос на забелешките околу злоупотребата на европското знаме, вицепремиерот за европски прашања вели дека европското знаме секогаш се користи на предлог на Владата и кога за тоа има услови и основа. При тоа наглсува дека со усвојување на новиот Деловним на Собранието воопшто нема да има потреба од употребата на европското знаменце.
-За Кривичниот законик она што последно го пративме имате неколку директиви коишто се имплементираат. Има и членови на тој закон каде што не се имплементираат директиви, но повеќе членови имплементираат некоја директива. Така што секогаш кога сме го предлагале имало некаква основа за тоа. Но јас верувам дека ако се усвои новиот деловник којшто е во процедура во Собранието и сега за сега, ако не се лажам, Левица има илјадници амандмани поднесено. Ако се усвои тој деловник ние може воопшто да не го употребуваме европското знаме. Бидејќи тој деловник отклонува еден значаен инструмент, којшто го користеше опозицијата за убивање на суштината на Собранието. А тоа е дека секој еден пратеник може да блокира било кој закон, вели вицепремиерот Маричиќ .
Со отклонување на таа можност и со доведување во нормализација на работата на Собранието веќе нема да има дури ни потреба и ќе може европското знаме да се користи само во ретки исклучителни ситуации кога има европски стандарди коишто се имплементираат.
-Суштината на прашањето со европското знаме е суштинско прашање за функционалност на Собранието…Свесни сме за проблемите не бегаме од нив, но мислам дека не може да ни бидат овие предизвици наведени во Извештајот, да ни бидат изговор за избегнување на обврска а тоа е изгласување на уставните амандмани. Затоа што се сеќаваме дека сме имале во минатото и многу полоши и подобри извештаи од овој, ни кога сме имале и подобри извештаи од овој не сме можеле да отидеме во наредната фаза без да ги имаме крупните прашања решение. Јас ве уверувам и сигурен сум во тоа дека не постои еден проблем нотиран во овој извештај којшто ние не може да го решиме во текот на преговорите со ЕУ. Секој од овие проблеми може да најде свое место во патоказите и во другите делови на преговорите за да го решиме. Но за да имаме прилика за тоа да ги продолжиме преговорите важно е да ја завршиме обврската со уставните измени, потенцира вицепремиерот Маричиќ. вг/са/