Иако првиот човек на АА, Арбен Таравари вчера за прв пат најави дека во партијата ќе се разговара за евентуално излегување од Владата, првиот вицепремиер Артан Груби вели дека коалицијата со АА е одлична. Според Груби, соработката треба да продолжи и понатаму, зошто да не и на следните парламентарни избори, известува ТВ 21.
„Имаме одлични односи со АА. Со тројцата министри, со директорите и заменик директорите и нас не обединува идејата за интеграцијата на РСМ во ЕУ, унапредувајќи ги овие заеднични напори и во некоја можна соработка и во следните парламентарни и претседателски избори. Не гледам никаква причина, не го знам контекстот на тоа што го кажа господинот Таравари, но ние сме месец-два пред техничката Влада во која ќе почнеме со подготовките за избори“, вели Артан Груби.
Лидерот на АА, Арбен Таравари, излегувањето од Влада го спомна кога зборуваше за не усвојувањето на Законот за амнестија во Собрание, кој што доби зелено светло во Влада, но пратениците на СДСМ не гласаа за усвојување на тој закон, а тоа според Таравари е понижувачки.
„Навистина имаме сомнеж дали треба да продолжиме или не во Владата, особено по Законот за амнестија каде што имаше предавство, еден закон кој беше предлог на Владата не е изгласан од пратениците на СДСМ, имаме сомнежи но не сме дебатирале поради уставните измени. Од крајот на ноември до почетокот на декември мора да ја донесеме конечната одлука дали ќе продолжиме во Владата или ќе одиме во опозиција“, порача Арбен Таравари.
Според Груби, Законот за амнестија беше погрешно разбран бидејќи се сметало дека е поврзан со враќањето на поранешниот премиер Груевски.
„Го поддржавме Законот за амнестија, мислиме дека беше исправен, имаше правилна политика за спроведување. За жал, Законот за амнестија беше воведен во контекст со измените на Кривичниот законик и фамозната дебата во општеството за враќање или не на поранешниот премиер, Никола Груевски“, вели Артан Груби.