Шеесетгодишна битолчанка е повредена синоќа во сообраќајна незгода што се случила во 01:15 часот на улицата „Смилевски конгрес“ во Битола. Во сообраќајната незгода учествувале патничко возило „мерцедес“ управувано од И.К. (27) и „пежо партнер“ управувано од А.Ј. (28), а 60-годишната З.Ј. била пешак.
Повредената З.Ј. е пренесена во Клиничката болница во Битола каде и се констатирани тешки телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.
Патничко возило „пежо“ со охридски таблички вчера околу 22:30 часот се запалило во движење на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, по што возачот Ц.К. (33) изгубил контрола над возилото и излетал од патот.
Во незгодата со тешки телесни повреди (изгореници) се здобил возачот, кој е пренесен во Општата болница Охрид. Извршен е увид на местото на настанот.
Во СВР Куманово вчера во 23:30 часот од страна на Љ.Н.(28) било пријавено дека неговата мајка С.Н.(69) во петокот околу 15:30 часот излегла од нивниот дом во селото К’шање и не се вратила дома.
Се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање.
На граничниот премин Табановце вчера во 10:30 часот при пасошка контрола било утврдено дека Х.Ф. од Скопје сакал да излезе од државата со туѓа македонска патна исправа.
При извршен преглед кај него е пронајдена неговата косовска лична карта на име Е.Л.(21) од Феризај – Косово. Лицето е приведено и предадено во СВР Куманово за понатамошна постапка.
На граничниот премин Табановце вчера во 11 часот при пасошка контрола било откриено дека во патната исправа на лицето Х.Б. (25) од Албанија има прелепуван дел од друга патна исправа со цел да ја прикрие забраната за влез во земјите членки на Европска Унија.
Лицето е приведено и предадено во СВР Куманово за понатамошна постапка.