Полска денеска соопшти дека нема да присуствува на состанокот на ОБСЕ во Скопје поради тоа што е поканет рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Полскиот министер за надворешни работи Шимон Шинковски изјавил дека нема да учествува на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), ниту пак ќе испрати некој од своите заменици во Скопје, јавија некои светски агенции.
– Едноставно не можеме да го игнорираме фактот дека рускиот министер за надворешни работи ќе биде присутен на масата на организацијата која треба да гради мир и безбедност во Европа, рекол полскиот министер.
Нарекувајќи го присуството на Лавров „неприфатливо“, Шинковски додал дека Полска го дели ставот на балтичките земји кои претходно најавија дека ќе го прескокнат состанокот на ОБСЕ.
– Местото на Лавров е во специјалниот трибунал, а не на масата на ОБСЕ, изјави вчера естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, објаснувајќи го заедничкиот потег на неговата земја и балтичките колеги Литванија и Летонија.
И Украина ќе ја бојкотира годишната министерска конференција поради присуството на Лавров.