Бугарија да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група, и да ги имплементира на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и слобода на здружување. Ова го препорачува Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации во извештајот за Бугарија.

-Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од страна на делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоопределување, вклучувајќи ги и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на припадниците на македонските малцински групи им се забранува слободното остварување на правото на собирање и здружување. Комитетот изразува жалење поради постојани пречки и отежнувачки услови за регистрација на невладини организации и одбивањето за регистрација на Македонски друштва од страна на Агенцијата за регистрација и судовите, врз основа на нивното Македонско самоопределување, вели комитетот во извештајот.

Во извештајот кој излезе во пресрет на одбележувањето на 75 години од Декларацијата за човекови права на ОН, Комитетот ѝ препорачува на Бугарија да ги елиминира сите бариери за регистрација на малцинските здруженија, да преземе мерки за поттикнување на нивните активности и да соработува со нив.

Лани и Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика властите во Бугарија да почнат да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.