Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати пред новата генерација дипломци и магистранди на Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола. Порача дека образовниот процес без сомнение е најважниот стадиум во академското профилирање на младите.
– Бидете љубопитни, бидете проактивни и секогаш да тежнеете кон подобрување бидејќи интегритетот е суштински за професијата која сте ја избрале или ќе ја изберете. Полициската работа подразбира стручност во спроведување на законите кои значат заштита на човекови права, а ние како институции сме подготвени да ви ја дадеме нужната поддршка за вашето интегрирање во општеството, во безбедносната заедница на државата, изјави Спасовски.
Министерот за внатрешни работи истакна дека МВР е институција во која претставува чест да се работи.
– И морам да кажам дека воопшто не беше прашање дали треба да се реформира МВР, туку мораше да се направи тоа, да се воведат европските вредности во институцијата, за самото општество да започне да функционира по европски терк, рече министерот Спасовски.
Тој се осврна на стратешката трансформација на МВР, на активностите коишто се преземени во насока на обезбедување високи стандарди на полициско работење и на високиот социјален статус на вработените.
– Со набавени опрема и униформи кои и до 15 години не биле претходно набавени, со 80 реконструирани полициски објекти, со градба на ИКТ Центар во Прилеп со кој се промени информатичката инфраструктура на МВР, со изградба на најсовремената форензичка лабораторија на овие простори, со воспоставен систем на итен хеликоптерски транспорт со медицинска опрема и опрема за гаснење пожари во Одделот за воздухопловни единици. И секако, со 35 отсто зголемени плати и исплатени сите бонус плати откако го преземав раководењето со Министерството, потсети Спасовски.
Ова, како што рече, е само мал сегмент од сработеното, кое го постигнавме со идентичен буџет како тој од претходните раководства на МВР. Според него, тоа е така затоа што се работи по принципи на стручност, одговорност, правичност, дисциплина и пред се подготвеност и волја за промена.
Спасовски ја истакна отвореноста на МВР за континуирана соработка со Факултетот за безбедност.
– Дипломци, ова се и принципите коишто во изминатите години сте ги акумулирале како знаење кое сега треба да го преточите во практична операционализација. И уште еднаш сакам да потенцирам дека ние како институција секогаш сме биле отворени за целосна и континурирана соработка со вашиот Факултет, пред се во име на заедничката цел што ја споделуваме – гарантирање на севкупната безбедност на граѓаните и државата, рече министерот Спасовски, упатувајќи честитки до дипломците и магистрандите за трудот и успехот, посакувајќи им успеси на личен и професионален план.
Пред традиционалното фрлање на дипломските капи, министерот Спасовски рече дека денеска има донесено одлука прогласената најдобра студентка на Факултетот, Ивана Мукоска да биде дел од МВР, во Одделот за Европска Унија и меѓународна соработка, за што постапката почнува веднаш.