Заклучно со 31 декември не пристигна продолжување на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач на тендерот за изградба на Чебрен и со самото тоа веќе не е активна понудата на ППЦ-Архиродон. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ќе ја извести Владата дека тендерот пропадна, информира денеска ресорниот министер Каја Шукова.

-Ги разгледавме сите документи согласно тендерското досие и тендерската документација, постојните закони во државата. МЖСПП како надлежна во овој процес ќе подготви информација и ќе ја информира Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката, рече Шукова на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека согласно тендерската документација додека е активна банкарската гаранција понудувачот требаше да пристапи кон договор за заедничко вложување со ЕСМ, а тоа не го направи и не ја продолжи банкарската гаранција после 31 декември.

-Бидејќи не добивме никакви дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција веќе не е активна и понудата веќе не важи и не можеме да продолжиме понатаму, потенцира Шукова.

Информира дека компанијата кога се жалеше посочи дека има определени услови во тендерот кои не и овозможуваат одржливост на проектот и не и даваат добри можности да обезбеди средства од банките за да може да го гради Чебрен. Тие услови и дополнителни барања, додаде, не беа дел од тендерската документација и затоа Владата не можеше да ги прифати заради другите учесници на тендерот.

-Заради тоа одлучивме дека нема да има промена на одлуката и дека условите остануваат какви што се во тендерската документација. Очигледно  компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заеми од банките за да можат да го градат. Така што за жал мораме да констатираме дека и 14. тендер за Чебрен пропадна, рече Шукова.

Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра од Архиродон, како што кажа, нема да се активира.

-Ги проверивме сите услови во тендерското досие и се она што е регулирано со нашиот закон и заклучивме дека гаранцијата се наплатува во корист на консендентот, во случајов Владата, само ако избраниот понудувач ја одбие поканата да склучи договор за концесија за добра од општ интерес и не го потпише договорот и доколку ја повчлече понудата пред истекот на периодот. Понудата на ја повлекоа, само истече банкарската гаранција и со тоа автоматски понудата престана да важи. Вчера се консултиравме со повеќе правници и консултантите кои се ангажирани на процесот, убаво ги разгледавме сите документи и заклучивме дека државата во моментов нема услови да ја активира банкарската гаранција, истакна Шукова.

Тендерот пропадна, прецизира, заради тоа што понудувачот не достави продолжување на банкарската гаранција, а со тоа понудата веќе не важи.

-Не навлегувам кои се причините зошто грчката компанија се откажа. Можеби влијаеше и она што се случуваше во јавноста и тоа ја обесхрабри компанијата да продолжи со процесот, бидејќи дел од експертската јавност сметаше дека не треба да одиме со концесионер, туку сами да го градиме Чебрен. Не сакам  да шпекулирам зошто не продолжи процесот. Кажавме дека не можеме да ги вградиме во концесискиот договор дополнителните услови кои и се потребни на компанијата за да може да продолжи со процесот, кои се технички и во најголем дел се однесуваат на одржливоста на проектот, бидејќи не се дел од тендерската документација, рече Шукова.

Условите во тендерот, како што кажа, не се менувани од 2020 година откога е распишан, но се променети условите на пазарот поради Ковид кризата и економската криза предизвикана од актуелните воени конфликти.

-Во овие неколку години заедно со земјите во опкружувањето поминавме тешки години проследени со Ковид и енергетска криза… Мислам дека треба да седнат и да размислат оние што се бават со енергетика како треба да продолжи понатаму процесот за изграба на Чебрен – дали треба  да одиме повторно со нова тендерска постапка за избор на концесионер или треба да го гради  државата. Тоа би го оставила на енергетичарите да одлучат, бидејќи не е надлежност на МЖСПП. Проектот е еколошки оправдан, вршени се испитувања во делот на биодиверзитетот кои не покажаа загрозувачки или значителни влијанија врз животната средина. Покрај тоа и финансиски е исплатлив, а тоа го покажуваат костбенефит анализите, рече Шукова.

Смета дека реализација на голема капитална инвестиција како што е Чебрен со сопствени средства на државата сериозно влијае на дефицитот, а со тоа и на инфлацијата.

-Со нереализирањето на тендерот за изградба на Чебрен мислам дека изгубивме како држава. Имаше многу шпекулации зашто стануваше збор за грчка државна компанија која требаше да го гради, но тоа ќе ни дадеше пристап на европската мрежа преку Грција. Секако, покрај тоа ќе ги зголемевме и капацитетите за производство  на електрична енергија од обновливи извори. Тој проект, меѓу другото, ќе се погрижеше и за наводнување на целиот регион. Дозволата за води ќе ги детерминираше јасно и сериозно сите услови, ние немаше да губиме вода, туку само паметно ќе ја користевме за производство на енергија и за наводнување и за сите други потреби на граѓаните и на регионот околу Чебрен, рече Шукова.

ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.

Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 15 јануари 2024 година заради жалбената постапка која беше во тек, додека банкарската гаранција им важеше до 31 декември 2023 година.

Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката беше предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено беше Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река беше предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекуваше да се почне со градба која беше предвидено да трае седум години.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имаше 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.

Фото: МИА