Претставници на Европската Унија и на Руската Федерација на 21 ноември одржале состанок за Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.
Информацијата ја соопшти руската амбасада при ЕУ. На средбата двете страни имале “детална и конструктивна“ дискусија за актуелни теми на балканската агенда, “вклучително соработката со Русија и ЕУ на земјите од регионот“, но без повеќе детали.
Од страна на Европската Унија исто така не се соопштуваат детали освен дека станува збор за “редовни“ контакти.
ЕУ извори во Брисел велат дека ЕУ има систематски размени за меѓународните настани со Русија и дека “редовно ги дискутираат стратегијата и акции за Западниот Балкан“ со Русија.
-Не коментираме за содржината на овие разговори, велат извори во ЕУ за МИА.
Според руската амбасада, следна ваква средба е договорено да се одржи на почетокот на 2019 година.
Европската делегација била предводена од Ангелија Ајхорст, директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна акција како и претставник на австриското претседателство. Руската страна била предводена од Александер Боцан Харченко, од руското МНР.