Точно е дека претседателот е овластен предлагач на амандмани, иначе да повторам се шокирам кога слушам такви лаички изјави од типот, дека ќе продолжиме таму каде што ќе застанавме. Замислете новиот состав ќе продолжи таму каде што застанал претходниот. Тоа е непознат феномен на уставното право, истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеник во „Тема на денот“ на Сител телевизија, говорејќи за ветувањата на СДС за уставните измени.
„Програмата е основ за постапување, што значи постапка ќе почне одново. Јас би можела да зборувам само доколку одлучам или доколку станам претседателка, па јас да предлагам измени, иначе би било тоа кршење на челото на поделба на власта, бидејќи во актуелниот пример предлагач на амандманите беше Владата“, рече таа.
Силјановска Давкова додаде дека тезата само ако продолжите таму од каде што e застанато со амандмани, е дека сте проевропски настроена е многу погрешна.
„Прво граѓаните ќе кажат за кого ќе гласаат, бидејќи тогаш во програмите ќе има се разбира и решение за уставните измени. Тезата дека се е завршено, преговарачката рамка е прифатена од сите и тука нема никакви измени не држи и го видовте тоа со примерот со Србија и со Косово“, појасни Силјановска Давкова.
„Прашањето е во интерпретацијата имено што е можно, бидејќи денеска едно од најактуелните прашања во ЕУ, е опасноста од ветото и да се стави крај на ветото, кога се работи за политиката на проширување“, укажа таа.
Таа посочи дека по основните документи на ЕУ, не смее прашањето билатералните односи со Бугарија, да биде дел од преговарачката рамка.
„Не смее разликата во поглед на ставовите да биде основ за посегање по вето“, нагласи таа.
Силјановска Давкова појасни дека наједноставното сценарио за образот на ЕУ, како заедница втемелена на вредности, би било она кое што е врзано за оние скромни услови, во смисла на приближување на Бугарија и Македонија, бидејќи тоа е суштината на членот 8 од Лисабонскиот договор, каде што се вели дека ЕУ ќе поттикнува договори меѓу членките на ЕУ и соседите врз реципрочна основа, во смисла на чекор напред од Бугарија. Бугарија има судија во Судот во Стразбур, Бугарија е потписник на Конвенцијата, истото и ЕУ, значи сигурно дека за неа исто така важат пресудите.
Во врска со нејзината кандидатура, таа истакна:
-Тешко носам одлуки, но стојам зад нив. Состојбата во која се наоѓа земјава бара од нас да не седиме како во ложа и да коментираме, туку да сториме нешто. Еден ден со право ќе не прашаат каде бевте и што правевте со државата која вашите татковци и дедовци ви ја дадоа.
Силјановска Давкова истакна дека уште една од причините поради кои се нафати на кандидатура е дека за секој од нас е тешко да чуе дека однадвор имаат поголем респект за државата, отколку државата за своите граѓани и граѓаните јасно ја гледаат ситуацијата во која се наоѓа државата.
– Мислам дека амбиентот сега е поинаков од минатите избори, граѓаните ги споредуваат мојата четири годишна работа во Собрание и пет годишната работа на Пендаровски. Покрај тоа консолидацијата во ВМРО-ДПМНЕ е на далеку повисоко ниво од минатите избори, некогаш и патот е важен како и резултатот, потенцираше таа.
Силјановска Давкова во однос на тоа какви каква кампања очекува и дали ќе добие поддршка од другите противкандидати во вториот круг изјави дека очекува витешка битка, а воедно очекува и поддршка од сите останати затоа што луѓето се ценат по стручност и компетентност.
– Што се однесува до битката, знам дека битката дека меѓу мене и колешката Ванковска ќе биде витешка, можеби е време да покажеме ние жените дека е време за витешка битка, очекувам дијалог со аргументи, а за останатите мислам дека во вториот круг ќе ме поддржат. Ако сте опозиционер логично да ја поддржите опозицијата. Меѓу пратениците јас не правам разлика по етничка или партиска основа, имам луѓе со кои одлично комуницирам по принцип на стручност и компетентност. Имам и побратим Албанец во семејството, време е за национално единство во секој поглед, надминување на партиските разлики коа се работи за прашања од државен карактер.