Американскиот претседател Џо Бајден излезе со изјава по повод успешното слетување на американската сонда „Одисеј“ на површината на Месечината.

Ова е првиот приватен вселенски апарат кој успешно стигна на површината на Месечината.

Во четврток вечерта за прв пат по 50 години, американски вселенски брод слета на Месечината, што стана возбудлив чекор напред во една нова ера на истражување на вселената, се вели во изјавата на Бајден.

Автоматската сонда за слетување на Месечината наречена „Одисеј“, стартуваше на 15 февруари од космодромот на Вселенскиот центар Кенеди на НАСА на Флорида. Во четвртокот таа испрати снимки од Месечината наоѓајќи се на ниска орбита околу неа, пред да слета недалеку од Јужниот пол.

Бајден истакна дека мисијата направила важен исчекор како прво слетување на Месечината од американска компанија.

„Одисеј“ е јавно-приватно партнерство меѓу НАСА и американската компанија „Интуитив машинс“. Тој успех стана реалност благодарејќи на американската генијалност, иновација и љубопитност. Тоа е првата од следните државни и приватни вселенски мисии во рамките на програмата „Артемида“ кој ги обединува напорите на меѓународните и комерцијалните партнери во мисии за враќање на луѓето на Месечината за првпат по десетици години. Америка одново го носи човештвото на Месечината, истакна Бајден.

Програмата за испраќање на луѓето на Месечината, што во 1962 година ја објави претседателот Џон Кенеди, стана реалност само седум години подоцна за време на вселенска трка со Советскиот Сојуз, кога САД успееја да ги испратат првите луѓе на Месечината, кои потоа и успешно се вратија на Земјата.