Би ги прифатиле сите одлуки на судот бидејќи сме сигурни дека и во Централното претседателство и во Централното собрание и кај членовите на Конгресот имаме мнозинство, вели Арбен Таравари за расколот во Алијанса на Албанците.
Во интервју за „Гласот на Америка“, Таравари вели дека фракцијата во партијата што го поддржува Зијадин Села веќе неколку месеци е блиска до ДУИ и додава дека тоа е нивен легитимен став што го почитува. Тврди дека по конгресот, немал средба со Села.
Вели дека најверојатно ќе започне судската постапка и дека ја доставиле својата документација. Во однос на имотот што го има партијата, Таравари посочува дека се договориле со Села, канцеларијата во Тетово да ја користи тој, а таа во Скопје крилото на Села.
Во однос на противкандидатите за претседател, вели дека очекувал да се кандидира лидерот на ДУИ Али Ахмети.
– Мислам дека оваа кампања треба да биде европска кампања и искрено го очекував господинот Ахмети, за да биде поинтересен, да речам, политичкиот натпревар меѓу нас. Меѓутоа, тие се одлучија за заменик претседателот нивен, потпретседателот. Секако, почит за сите противкандидати кои што ќе бидеме во претседателската трка. На крај, народот треба да одлучи, вели Таравари.
За идејата претседателот на државата да се избира во Собранието, Таравари вели дека сме парламентарна демократија и дека на државата не и требаат трошоци за избори.
– Првиот претседател во Македонија, ако се сеќавате 90-тите години, 91-ва, ако не се лажам, беше избран господинот Киро Глигоров и прв пат се избра од собранието. Јас мислам дека ингеренциите на претседателот на државата се колку и во повеќе околни држави. Ние често се разликуваме, ги споредуваме со Косово или Албанија, кои што имаат сличен систем како нашиот, парламентарен систем. Мислам дека трошоци на државата не и требаат, може да се избира и преку собрание како што тоа го направивме за прв пат и наш став е (зашто) не сме претседателски систем, туку сме парламентарна демократија, мислам дека би рационализирале (со) договор меѓу политичките партии кои се застапени во парламентот, вели Таравари.
Во однос на тоа со кого би коалицирале после изборите, Таравари вели дека единствениот пат на Македонија е европскиот пат.
Фото: МИА архива