Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се укинува делот „националност“ во Законот за матичната евиденција, соопшти прес-службата на Судот.
Уставните судии ја донесоа оваа одлука во рамките на предметот оформен по иницијативата поднесена од политичка партија Левица, во која е оспорен член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста“ од Законот за матичната евиденција.
Уставниот суд на 20 декември 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матичната евиденција, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
Според Судот, изјаснувањето за националната припадност, не е должност, туку можност (незадолжителен податок) со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, за што Судот оцени за согласноста на оспорените делови содржани во одредбите на Законот со член 8, став 1, алинеја 2, од Уставот за слободното изразување на националната припадност, како темелна вредност на уставниот поредок што го вклучува правото на лицето да ја изрази, но и да не ја изрази националната припадност.
-Исто така, оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект Судот оцени за согласноста на оспорените делови од законските одредби со член 25 од Уставот, се наведува во образложението од Уставниот суд.