Посебни регистарски таблички за полесно препознавање е решението за злоупотребата на државните службени возила коешто треба да биде воведено од новата власт, а предлогот го најави дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски.
– Сакаме да ставиме крај на злоупотребите на службените возила што се во сопственост на државните органи, заради што ќе предложиме воведување посебни регистарски ознаки за нив. Сите службени возила на државните институции ќе бидат означени со регистарски ознаки во различна боја за нивно препознавање. На тој начин, секој граѓанин ќе може да забележи дали некое службено возило се користи надвор од работното време или спротивно на службените потреби. Ќе предвидиме и обврска за создавање на регистар на службени возила во сопственост на државните и јавните институции, изјави Андоновски.