Амбулантата во сопственост на Бехтел и Енка е затворена по вонреден инспекциски надзор на Здравствениот санитарен инспекторат. При увидот било констатирано дека поликлиниката „Санте плус 2“ без лиценца им дава медицински услуги на работниците на „Бехтел и Енка“, јавува Портал Х
Во моментот на надзорот, како што пренесе порталот Курир, била затекната медицинска опрема, лекови, потрошен медицински материјал и медицински отпад од извршени медицински интервенции, инфузии, шприцеви.
„Врз основа на констатираната состојба, согласно член 60, 62 и 63 од Законот за здравствена заштита Државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност на ПЗУ Санте Плус 2 – поликлиника на примано ниво, во просторијата лоцирана на ул. Илинденска бб во Гостивар, бидејки нема Решение за дозвола за вршење на здравствена дејност издадена од Министерство за здравство“, се вели во извештајот на Инспекторатот.
Од Инспекторатот информираат дека поради постоење на сомнение, на вештачење му е одземена дипломата на лекарот кој вршел медицински услуги во амбулантата „Бехтел и Енка“ и истовремено бил вработен во Санте Плус 2.