Во Русија денеска е последниот ден од гласањето на претседателските избори на кои актуелниот претседател Владимир Путин се кандидираше за петти мандат. Тридневното гласање почна на 15 март, а во првите два дена гласаа повеќе од 55 отсто од регистрираните гласачи, од кои 110 милиони во Русија.
Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на четирите украински региони – регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година. Анкетите и истражувањата на јавното мислење објавени од руските државни медиуми покажуваат дека Путин ужива поддршка од околу 80 отсто од граѓаните, што е повеќе отколку пред почетокот на војната во Украина.
Неговата кандидатура за петти мандат беше овозможена откако Државната дума ги усвои амандманите на Уставот во 2021 година според кои, меѓу другото, ограничувањето на бројот на мандати во кои едно лице може да биде претседател на Русија се однесува на актуелниот лидер на земја, без да се земат предвид неговите претходни претседателски мандати.
Покрај Путин, на изборите учествуваат и претседателот на Либерално-демократската партија на Русија, Леонид Слуцки, кандидатот на Комунистичката партија, Николај Харитонов и кандидатот на партијата „Нови народи“ Владислав Даванков.
Поради повеќекратните временски зони во Русија, прво беа отворени избирачките места на крајниот исток на земјата, во автономниот округ Камчатка и Чукотка, а потоа и во областа Магадан, Сахалин и Курилските острови. Последните избирачки места кои се отвораат се во Калининградската област, на Балтичкото Море.
Резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март.